Етнички игри

Косово, протести, камења, Балкан, етнички напнатости, стравувања и групирања. Сето тоа не е доволна причина, да не си поиграме, особено ако си играме со играчките на големите момчиња. Може да биде интересно.

А големите момчиња си играат со јаки компјутери, креирање на вештачки (artificial) општества, прилагодливи комплексни системи, моделирање на животи и територии, стратегии. Еден од пионерите во оваа област е Thomas Schelling, економист нобеловец од 2005, професор по надворешни работи, национална одбрана, нуклеарна стратегија, креаторот на едно упростено вештачко маало пред триесетина години.

Интересот на професорот Шелинг за колективната организација и дезорганизација го навела професорот појавата на комплексните динамички социјални патеки да ја поврзе со дејстувањето на поединците, кои, во суштина, следат едноставни правила. Овие индивидуални повинувања на едноставните правила може наеднаш да доведат до промени, и свртувања, во комлексните системи.

Неговата размисла, и опсеравција,  била фокусирана на прашањето за сегрегацијата во Америка. Тешко е да се најдат соседства во кои, да речеме, немаме преовладување на белците или црнците помало од 70-80%. Расното групирање вообичаено ја следи “U“-кривата, изборот помеѓу двата екстрема. Но што ако ова не е произлез на екстремен и длавоко всаден расизам, или национализам. Својата интуиција, дека ќе се добие многу повеќе сегрегација отколку што се обично се очекува ако луѓето од заедничкиот простор се остават на слободно взаемодејство, професорот Шилинг ја преточува во математичка, па компјутерска, игра со одредени правила. Основна карактеристика при моделирањето на системите на динамичното општество е тоа што за чинителите, поединците или некоја друга микро општествена единица, претпоставува дејство кое произлегува од проценката во најблиското опкружување, или чинителите немаат познавања за поширокото општество.

Во играта имаме црвени и плави. Секое поле претставува замислено домаќинство. Што ќе се случи ако секое домаќинство, црвено или плаво, посака да биде сосед со две од истобојните домаќинства од околните шест. Резулатите од произволниот почетен распоред на црвените и плавите полиња, без празни места на таблата, е пред Вас.
црвени плави1
Слика1 е составена од последователни временски исечоци на резултатите од таблата каде имаме слободна интеракција на чинителите. Веднаш по првиот рандом фрејм, на вториот фрејм имаме забележителна обоена гравитација. Веќе со третиот исечок имаме изразита поделеност, додека четвртиот конечен фрејм донесува само ситни корекции во контурите. Бидејќи имаме произволен почетен распоред на обоените полиња се добиваат и различни резултати од симулацијата, но прикажаниот резултат е типичен. Во симулираната динамичка упростена игра немаме претпоставена силна етноцентричност, туку само желба за одредена “нормална“ перцепција за етничко-идентитетно поврзување. Овие луѓе би биле перфектно среќни и во пата-пата обоено соседство, но на таблата сосема поинаку се подредени боите, без интенција.
црвени плави2
Но, што се случува кога како почетен услов имаме барање за само еден сосед од иста боја (слика2). Другите претпоставки се исти како претходните. Овој пат резултатите се помалку драстични, а сепак имаме диференцијација со тек на времето, од фрејм до фрејм. Интересни резултати на експерименталната табла со луѓето кои посакале единствено да не бидат “сами“, идентитетно изолирани.

Од бенигната игра со расната обоеност на американските соседства да се префрлиме на игрите со примитивните Балканци. За овие простори стандардно се употребуваат зборовите, како, етничко чистење, геноцид, војни, насилие, желби за вековни нереализирани Големи … како создадени за игри со симулација на таблите. По се изгледа дека овој тип на игри повеќе ни прилегаат. Ако за првите соодветсвува финото подредување, општество кое се подредува систематски но несвесно, за Балканот соодветсвува системското но несвесно растурање.

Една таква игра доаѓа од Центарот за Социолошка и Економска Динамика на Brookings Institution симулирана од Joshua Epstein. Безредија, улично насилство, масовни убиства, геноцид, сите овие несакани општествени појави, се случуваат ненадејно, каде имаме точка на прекршување карактеристична за динамичните комплексни системи. Каде исчезнуваат граѓаните почитувачи на законот, мирољубивите и благородни луѓе, кои за час се преобразуваат во насилници, убијци? Покрај психолошко-социолошките одредници за толпата, заразата со насилство, и слично, социолозите од Брукингс Инситутот нудат сознанија дека луѓето во тие ситуации сепак остануваат рационални, ја зачувуваат индивидуалноста, и имаат сосем добра проценка на ситуацијата во која се нашле. Масовното лудило, колективната хистерија, според Епштајн, е само илузија. ( IMO, илузија е несоодветен збор за умствената рационализација која ја прави мозокот во тие животни ситуациии. Критиката која би произлегла од потребата за математичко формулирање на комплексните динамички модели е сосема разбирлива, несовршена и докрај недофатлива, како што ни се недофатливи докрај линиите на мозочното спојување и разделување. Сепак ова е издржан обид за отсликување на умствените магистрали и автопатишта во математички формули, и тоа е веќе опиплива варијабла.)

Во моделите на Епштајн секој чинител има зададени обележја: незадоволство, етничка нетрпеливост, и воља за ризикување на апсење, како и стандардната карактеристика – делување според тоа што се случува во непосредното соседство и неможноста за согледување на севкупната слика во општеството. Во оваа игра на вештачки геноцид имаме зелени и плави. Чинителите (луѓето) се поставени во услови на етничка тензија. Со зголемување на тензијата одредени чинители, во случајов обоените точки, се “активираат“ – што може да биде хулиганско ограбување, или убиство. Ова активирање е означено со црвена боја, незадоволството или омразата на чинителите го надминува стравот од апсење, или последиците.
зелени плави1
На слика3 имаме ситуација каде етничките тензии го надминале прагот на активирање и на првиот фрејм имаме убиства на произволни места, означени со црвено. На почетокот ова е масовно, поплава од црвени точки, но со тек на времето популацијата е намалена и следува групирање на одредени простори, а бројот на убиства се намалува (фрејм2). Со фрејмот 3 плавите и зелените се поделени и имаме насилства по линиите на разграничување. Симулацијата продолжува и последните исечоци зборуваат сами за себе. Резултатите од многубројните симулации говорат дека ниедна страна во случајов не е во предност, шансите да надвладее подеднакви за зелените или плавите. Балансот се одлучува со некој рандом настан на теренот.
зелени плави2
Во следната симулација имаме дополнителен елемент во играта – мировници означени со црно. Правилото за нив е да го уапсат активираниот чинител. Кога се тие во близина помалку запалените глави се повлекуваат од активностите кои инаку би ги сториле. Резулатите од симулацијата со мировниците се поинакви. На почетокот, фрејм 1, имаме насилства но во помал број. Тие кои ќе направат недело се апсени и отстрането од таблата. Иако насилствата се локализирани, фрејм 2, тие продолжуваат поради недоволниот број мировници, се до фрејмот 3, каде  имаме создадено енклави кои можат да се покријат со бројот на мировници по линиите на разграничување. Но доколку мировниците се повлечат …

Претставените примери на игри се упростени верзии на игрите кои ги симулираат големите момчиња со своите процесорски моќни машини. Тие се само добар вовед во темата, погодни за мали когнитивни исчекори. На овие простори коридорно-судбинската географија си го прави своето и покривањето со розева желбовна постелнина нема да пренесе таква боја во јавето. Лупањето со коментари или лупањето со камења, на блогерско или на улично ниво, не може да ги донесе посакуваните резултати. Но сепак на  некое друго ниво може да покрене ланец на реакции кои може да бидат клучни, или насушни.

Овие модели покажуваат дека и најпростите општествено организации може да доведат без интенција до симултан ред: резултатите во ниедна смисла не се случајни и во ниедна смисла не се намерни. Комплексноста може да биде причина за грижа на креаторите на политиките, затоа што во себе ја носи нестабилноста на општестената и економската динамика со многу непредвидливости и можноста за покривање. Но таа може да биде и алатка овозможувајќи покренување на голем ланец на посакувани реакции, со мала и фокусирана акција.

Резултатите кои утре ќе ги одживееме на сопствена кожа ќе зависат од тоа дали луѓето од врвовите на нашето општествено-политичкото скалило, оние со моќ на одлука,  денес покрај себе имале соработници кои со јаки компјутери ги направиле вистинските игри на симулација или пак крај себе имале само симулатори.

***

Во креирање на записот најповеќе е користена обемната и содржајна статија на Atlantic.com (од каде се превземени и сликите).

Тематско дополнување: Затвореничка Дилема и Песочно Купче

Technorati Tags: компексни, етнички, игри

8 Responses to “Етнички игри”

  1.    femgerila Says:

    Еден од најдобрите постови месецов. Поучен барем за мене ;) Обично ми е глупо да коментирам вака потупнувачки ама тука морав…заслужено!

  2.    виолетова Says:

    е токму таа неможноста за согледување на севкупната слика во општеството го носи тоа што ни се случува…

  3.    dzam Says:

    Фала Фем!

    Ах таа големата слика!? постојано ни бега а ние затоа постојано ја бркаме

    поздрав Виолетова

  4.    istoчna Says:

    ете, во право беше дедо ми, кој како професор по математика викаше дека решението на сите проблеми лежи во математиката :)

    Мислам дека во основата на сето ова лежи колективната свест односно тоа толку неопходно чувство на припадност, барем на ова цивилизациско ниво на човештвото кое го немаме надминато уште од времето на палеолитските култури, иако самите себе се сметаме за цивилизациски многу напреднати ( но тоа и да е така веројатно останува само во рамките на сопствениот колектив )
    Војните се у ствари таа последица на оптовареност од токму таа колективна свест, па баш ради тие причини мислам дека политичарите само на прв поглед имаат моќ. Освен некој кој успеал да се издигне над таа колективна свест и системот на заедничките уверувања, а такви во историјата се многу малку, како Ганди на пр.
    Одлична лекција :)

  5.    Сатаниел Says:

    Не држи ова вода многу многу – општеството не е составено од двобитни коцкички и целата социологија не се сведува на тоа кој ти е комшија. Исто како да кажеш дека дипломатијата може да ја моделираме на база на тетрис. (?!) Баш така.
    (Свесен сум дека се ова многу упростени модели, но дури и пософистицираните симулации не верувам дека може адекватно да опишат комплексни општествени (и згора на се неквантибилни) сфери како што е оваа.)

  6.    dzam Says:

    Обиди за контрола, манипулација -со груби зборови кажано, или за подигање, водење – со полични думи, отсекогаш имало и ќе има само што најчесто се неуспешни. Можеби најблиску до вистината е дека тоа се спори, еволутивни процеси, кои имаат своја подлабока подлога и најчесто го следат она што се случува на земјата -теренот, а не обратното.

    Убава тема за разговор Источна

    Сатаниел,

    се разбира оти се упростени примериве, повеќе се вовед во проблематиката. Никој, барем троа паметен, не кажува дека може да квантифицира ни приближно нешто толку комплексно како општествениот живот. Но ако разгледаш во кои области е ставен фокусот на комплексната социолошка динамика ќе се види дека не е без врска обидот, и без резултати.

    Она во што сум прилично уверен е дека од толку многу борци, првоборци, политика, агенди и идеологии, не се гледа теренот од каде сите тие “глупости“ црпат сила и колку се далеку од метата во која се колнат дека стрелаат. Сите би да се качат на кровот, а никој не ги гледа темелите. Јас барем ја сметам оваа проблематика од “темелните“, во тој контекст нека се разбере записот.

  7.    Етно игрици (препарација и сепарација) « dzam Says:

    [...] Етно игрици (препарација и сепарација) By dzam Leave a Коментар Categories: когниција, општество, поента and старио Џам_ан Tags: Њу Јорк, Детроит, Ервин Фишер, Лос Ангелес, Чикаго, академизам, групирање, етникум, игри, картографија, комплексност, население, популација, раса, распределба, сегрегација Етнички игри [...]

  8.    Етно игрички « Џаман ZTVK Says:

    [...] Етно игрички Етнички игри [...]

Напишете коментар

You must be logged in to post a comment.